Луѓе. Гужва. Се возам накај дома по напорниот работен ден и посакувам да се опуштам барем малку. Барајќи слободно место во автобусот, забележувам една девојка која чита книга. Слободно место најдов веднаш покрај „читателката”. На прв поглед, не бев заинтересиран за насловот на книгата што ја читаше девојката бидејки мојата омилена песна на радиото во автобусот ме поттикна да размислувам за убави нешта. И прво што ми паѓа на ум е дека сакам истата песна да можеше да свири на радиото во мојот автомобил додека се враќам дома. И навистина сакам. Сакам да имам 6 звучници, команди на волан и функционален МП3 уред кој ќе ми овозможи да ги менувам дисковите со сите мои омилени траки. И без разлика колку и да има метеж во сообраќајот, сакам да се чувствувам пријатно во свој автомобил со клима уред.

Во тој момент, некаде во мојот ум ми пролетува слика на ценовникот за автомобили и дополнителна опрема што неодамна го гледав. Си реков, нема шанса толку пари да соберам. Кој сум јас? Млад човек кој има скромна плата, сеуште живее со родителите и редовно троши пари на работи што ми причинуваат задоволство. Се запрашав, како тогаш да заштедам за уште едно задоволство кое во исто време е и потреба? Себеси се сметам за човек кој го живее оној „потрошувачки менталитет” кој ни е сервиран од медиумите и од модерното време. Млад човек кој сака да биде вклучен во сите социо-културни збиднувања во градот, млад човек кој сака да излегува во град од четврток до недела и кој често ужива со пријателите на попладневно кафе на ул. Ленинова, млад човек кој купува на попуст и често купува работи што не се неопходни во дадениот момент…. Си велам, скапите задоволства се за богатите. И во еден момент помислив дека можеби има шанса за излез од ситуацијата. Ќе ги завршам постдипломските студии и ќе се обидам да најдам подобро платена работа. Само така ќе ми останат доволно пари за да си купам еден автомобил. Па си помислив, кога ќе имам повисоки примања ќе може да земам и кредит. Денес речиси секој граѓанин купува на кредит.

Уживајки во чувството дека сепак постои начин како да стигнам до автомобил, погледот ми се запира на книгата на читателката. Девојката разговараше на телефон и веќе ја беше затворила книгата, но задната страна од корицата и беше свртена кон мене. Ги забележувам оние неколку реда критика што ги има на крајот од речиси секоја книга:

„Финансиската едукација претставува совладување на знаења, вештини и однесување, неопходни за прифакање на добри менаџмент практики во однос на заработувачката, штедењето, позајмувањето и инвестирањето на пари.“

Токму тоа што ми треба, се израдував и продолжив да читам.

„Финансиската едукација создава свесност за користите од финансиското планирање и гради капацитет за домаќинствата со ниски приходи, со цел тие да воспостават контрола врз нивните лични финансики ресурси и подобро да управуваат со нивниот лимитиран капитал”.

Почнав да размислувам суеверно. Дали е ова некаков знак!? Дали навистина може некој да ме научи како поефикасно да располагам со моите пари? Уште повеќе, како да дојдам до нов автомобил? Воодушевен од таквата ситуација, не приметив дека автобусот веќе застануваше на следната постројка …

  • март 2010
    П В С T П С С
        Апр »
    1234567
    891011121314
    15161718192021
    22232425262728
    293031