Се заинтересирав да ги орочам парите. Не дека имам нешто многу пари, но сепак сметам дека не е штедење само воздржувањето од трошење и тргање на парите на страна. И што со тие пари!? Ниту сум ги потрошил, ниту уживам што ги имам а не ги користам. Најдобро е парите да ги замените со некоја вредност, дали во банка или можеби ќе сакате купите некој златник, не е важно. Важно е што ги вложувате, за да утре ви донесат некоја поголема вредност или приход, кој сигурно нема да го добиете ако спиете заедно со парите. Секој граѓанин кој сака да штеди, може својот паричен депозит да го вложи во некоја од финансиските институции во државава. За штедниот влог како паричен депозит вложен во банка или штедилница се издава штедна книшка. Во штедната книшка се впишуваат уплатите, исплатите, состојбата и пресметаните камати по штедниот влог.
Да се вратам на муабетот. Ме заинтересира зошто е толку голема разликата во каматните стапки за девизно и денарско орочено штедење. Ако за девизи орочени на 12 месеци каматните стапки се движат од 5% па нагоре во зависност од банката, кај денари орочени на 12 месеци каматните стапки се движат од 9,50 – 10,00%.

Од една страна, големите каматни стапки мотивираат штедење во домашна валута со цел да се држи денарот стабилен, меѓутоа што мене ми гарантира дека нема да се случи девалвација? Се распрашав во неколку банки за тоа кој е подобар начин да ги орочам моите девизи и добив различни мислења. Во една банка ми рекоа дека најдобар избор за орочување е она што имаш, дали во моментот имаш девизи или денари. Образложението им беше дека со менување на девизите од денари ќе изгубам одреден дел на пари, а и тоа дека денарот не е стабилен т.е. една девалвација и веќе губите од вредноста. Во друга банка ми рекоа дека подобро е да орочам денари бидејќи каматната стапка е значително поголема од онаа каматна стапка за девизи. Со самото тоа ги вадам парите што ги губам при менувањето од девизи во денари, а исто ги покрива и парите кои би требале да ги додадеме кога би купувале повторно девизи.
Доколку би биле во слична ситуација, би ја имале истата дилема како и јас, што е правилно да се одлучи? Верувајте, работата е во тоа што секој различно гледа на ризикот и можностите …


Парите можете да ги трошите или да ги инвестирате. Трошите доколку парите ги заменувате со некој облик на енергија која ви е потребна, а инвестирате доколку парите ги вложувате во зголемување на животниот стандард или квалитетот на живеење. Затоа, трошењето секогаш се доживува како губиток, а инвестирањето како креирање на нова вредност. Единствено размислувањето во оваа насока може да помогне да се напушти губитничката свест на неконтролираното. Луѓето кои трошат имаат губитничка свест, затоа што сметаат дека нивниот стандард зависи исклучиво од количината на потрошените пари. Оттука, настојуваат да ги имаат што повеќе, па заработувачката им е основен животен мотив. Таквите луѓе никогаш не се прашуваат зошто немаат доволно пари, туку само смислуваат начини како да дојдат до повеќе. Проблемот е во тоа што ја нема таа количина на пари која може да им го ублажи чувството дека немаат доволно.

Трошењето пари, според хрватскиот портал imamnovac.com има два облика: скржавост и расипништво. Скржавите луѓе не саккат да трошат пари бидејќи при секоја финансиска трансакција имаат чувство како да губат дел од себе. Таквите луѓе не се свесни за тоа дека можат сами да одлучат во што ќе ги вложат своите пари, затоа што вниманието им е исклучиво на тоа колку чини нештото, а не на зголемување на стандардот на живеење.

Оние пак кои се склони кон трошење, се зависни од потребата за внимание. Ја имаат фрустрацијата дека заслужуваат стандард кој тие ќе си го посакаат, па оттука и си даваат можност да трошат сè додека не си го задоволат чувството. Додека трошат, уживаат во чувството дека „имаат“ и дека тој стандард го заслужуваат. И кога ќе се заврши потрошувачката сеанса, повторно нова фрустрација која се лечи со нова тура шопинг…. и сè така во круг додека не се натрупаат долгови и ситуацијата дополнително се влоши.

Накратко ви опишав два основни облици на потрошувачкиот менталитет. Секако, нема да ви предложам ниту да трошите, ниту пак да не трошите, туку би ве поттикнал да се одлучите за благосостојба, доколку веќе така не живеете. Луѓето со свест за благосостојба не трошат, туку инвестираат. Што значи дека своите пари ги вложуваат во зголемување на стандардот. Се воздржуваат од трошење преку различни институции кои се присутни на пазарот, од инвестициони фондови, берзи, па се  до штедни влогови. Се зависи од степенот на ризик што идивидуалецот може да го понесе.

Успешно инвестирање не бара исклучително висок коефициент на интелигенција, ниту пак инсајдерски информации. Потребен е самоуверен чекор кој ќе ве отргне од потрошувачкиот менталитет. Накратко, инвестирајте секогаш кога го работите она што го сакате и вложувајте пари во она што го сакате, со една цел, да растете и да се развивате на сите полиња. Критериуми по кои ќе бидете сигурни дека инвестирате се зголемување на стандардот, напредување и задоволство со постигнатото.

Веројатно не постои аспект на човечкиот живот кој е толку индивидуален како изборот на начинот на штедење. Иако за повеќето штедачи значаен е принципот на минимален ризик, односно „распоредување на јајцата во повеќе кошници“, сепак изборот на „кошници“ е прашање на индивидуална преференција како и специфичната ситуација во која секој од нас се наоѓа. Моментално ни се на располагање многубројни видови на вложување и штедење, кои со влезот на Македонија во ЕУ ќе бидат уште повеќе. Некои од нив бараат да имате одредено знаење и упатеност во случувањата (вложување во акции), додека други се наменети за оние кои ги привлекува сигурноста повеќе од приносот (разни видови на штедење). И каде е тука местото на полисата за  животно осигурување кое станува сè повеќе популарно во земјава?

Па ајде вака:
Кој инвестиционен фонд ќе продолжи да уплаќа премии до истекот на осигурениот период и ќе ми ја исплати вкупно договорената сума ако не дај боже се случи трајно да бидам спречен да работам. Кои акции ќе го платат однапред договорениот износ, ако се разболам од една од 10 најчести болести на мојата генерација?

Да се вратиме назад на тоа што всушност е животното осигурување: тоа претставува своевидна „кладба“ помеѓу вас и осигурителното друштво, каде што осигурителното друштво се „клади“ дека ќе го доживеете датумот на истекот на осигурувањето, а вие на некој начин се осигурувате да тоа не биде така.

Во динамичното опкружување во кое живееме, во услови на борба за сопствена егзистенција и обезбедување на подобар живот за своите најблиски, нема граѓанин кој не мисли на себе, својата иднина и иднината на своето семејство, а да нема осигурување на живот. Договорот помеѓу вас и осигурителното друштво пластично би изгледал вака: Пресметувате колку можете месечно/квартално/годишно да издвојувате во животното осигурување (или колку вкупно пари сакате да имате на крајот на посакуваниот период на осигурување, обично помеѓу 20 и 30 години).  На пример одлучувате да уплатувате по 2000 денари секои месец дена во текот на 20 години. Вкупниот осигурен  износ, на кој после 20 години  ќе се пресмета добивка е 187500 денари. Тоа е вашата заштеда!

Сликата што ни ја дава статистиката за повисоки плати и ниска инфлација се замаглува ако се обидете да ја наполните кошничката во некоја од домашните продавници и супермаркети. Кога ќе се спореди фискалната сметка и она што сме го ставиле во торбата по пазарењето, неизбежно доаѓа прашањето „Каде ми отидоа парите?“. Статистичката илузија дека секој нареден месец од платата ни остануваат повеќе пари за други трошоци, откако ќе ја покриеме потрошувачката кошничка, се губи кога ќе се погледаат цените на основните животни потреби.

Македонскиот животен стандард добива други димензии кога ќе се направи анализа за бројот на работниците што имаат примања под месечната просечна нето-плата од 20.000 денари. Речиси две третини од вкупниот број вработени примаат плата на границата на висината од потрошувачката кошничка, која изнесува околу 12000 денари. Aко знаеме дека потрошувачката кошничка се однесува на четиричлено семејство, тогаш императив за секое семејство е да заштеди колку што е можно повеќе.

Во ова време на рецесија во секој случај добро е да се најде и искористи секој можен начин да се заштеди. За да имате сè повеќе и повеќе, штедете по малку. Ќе се обидам да ви го претставам најпрактичниот и наједноставниот начин за штедење за вас, што мислам дека е доволно за почеток.

Започнете со секојдневните трошења додека сте на работа. Наместо да купувате и да порачувате храна на работа, понесете го со себе оброкот кој сте го подготвиле дома. Така ќе заштедите значителна сума на пари во текот на денот. Исто така, се помалку храна ќе остане за фрлање доколку се сè изеде на време.

Пред да одите да пазарите секогаш составете список во кој ќе ги напишете работите кои треба да ги набавите. Во продавница купете ги само тие работи. Доколку наидете на нешто непредвидено и неодоливо, не го купувајте, запишете го, но, за следниот пат. Во меѓувреме размислете дали навистина тој производ ви е потребен. Доколку производот остане на списокот за наредниот пат кога ќе одите да купувате, тогаш купете го.

Пазарете во дисконтни продавници кога треба да набавите повеќе работи. Навистина, на некој што има висока плата можеби не би му смениле ништо во месецот 1000 денари, но размислете како ќе се чувствувате ако некој ви подари 1000 денари? Или ако добиете 1000 денари на гребка? Не мора да посакувате да ви се случи истото, само треба малку да размислите што и каде купувате, и верувајте ми, ќе наидувате на илјадарка (можеби и повеќе) секој месец. Секако останува да се држите на списокот, во спротивно сè што ќе видите надвор од списокот ви изгледа поповолно до другите продавници и ви се чини дека ви е потребно. Така повторно се враќате на почеток на безпотребното трошење.

Што е тоа кредит?

Објавено во: Кредити | Коментирај | Читања

(984)

Кредитот е еден вид на долг. Како и сите должнички инструменти, долгот повлекува редистрибуција на финансиски средства со текот на времето. Кредитот претставува однос помеѓу давателот  на заемот и заемопримачот. Некои книги кажуваат дека постојат и кредити кои се даваат во вид на стоки, но најчест и на нас најмногу познат вид на кредит е оној изразен во пари каде што давателот на кредитот, некоја финансиска институтција (најчесто банка) му дава на користење определена сума на пари на корисникот на кредитот. Односот помеѓу двете страни продолжува со тоа што корисникот треба да ги врати парите заедно со каматата за користење на тие средства.

Без разлика на моменталните услови во банките за давање кредит, постојат неколку работи што се однесуваат на сите видови кредити, што е битно да ги знаете и да водите сметка за нив. За почеток да ја разбијам илузијата за брзо враќање на кредитот. Доколку сакате да земете станбен кредит на пример, и рокот на отплата е 20 години, вие навистина морате да бидете спремни дека ќе го враќате 25 години. Не би сакал да навлегувам во тоа што сè може да се случи доколку се случи да не го вратите кредитот. Веројатно знаете, во најмала рака ќе останете без станот за кој сте го земале кредитот.  Затоа не се занесувајте дека брзо ќе ги плаќате ануитетите. Единствено важно е да го планирате месечниот износ и согласно тоа да трошите. Кредитот најверојатно ќе го земете од некоја банка каде што веќе имате тековна сметка.

Неколку основни поими

Камата – износ на пари кои го плаќаме на банката како цена за користењето на парите што таа институција ни ги позајмила. Ова е всушност интересот на банката за давање кредит и тука треба да бидете особено претпазливи за износот на каматата, условите и роковите за плаќање. Имајте на ум дека банката секогаш ќе сака да се заштити и да придобие што е можно повеќе.

Каматна стапка – се изразува во проценти и и ни кажува колкава е цената на парите што сме ги земале на заем. Значи ако земеме краткорочен кредит од 10000 денари и камата од 10%, за една година (освен ако каматата не се однесува на друг период) треба да вратиме 10000 денари плус 10% од сумата, значи вкупно 11000 денари.  

Главница – износ на пари кои ни се дадени. Во нашиов случај главница ќе бидат оние 10000 денари.

Рата – често во говорот користиме „рата за кредит“ и притоа мислиме на износ кој го плаќаме месечно. Меѓутоа „рата“ е крива употреба на зборот затоа што се однесува само на главницата, не и на каматата.

Ануитет – е правилниот збор за отплата на износот на кредитот. Ануитетот е износ кој е сочинет од ратата за кредитот плус каматата.  

Амортизационен план – во амортизациониот план се искажани сите месечни плаќања по основ на кредитот заедно со каматата. Ова е важен документ затоа што ќе ви помогне да имате увид во месечните рати кои следат и со тоа да ги планирате трошоците.

  • април 2010
    П В С T П С С
    « Мар   Мај »
     1234
    567891011
    12131415161718
    19202122232425
    2627282930