Пролет е, а вие немате ништо пролетно да облечете. Видовте нови чевли, нова колекција на гардероба и … едноставно не можевте да одолеете. Млади сте и заслужувате убаво да изгледате (се тешите), но откако дојдовте дома и се обидовте уредно да ги сместите (неуспешно) новите работи што сте ги  купиле… сфаќате дека нема место. Ве преплавува чувство на грижа на совест. Како ќе го платите сето ова кога ќе ви дојде месечната сметка за кредитната картичка? Веќе сте преку глава во долгови.

Кога ќе се најдете во ситуација да трошите далеку над своите можности и едноставно не знаете како да се извлечете од таквите тешкотии, време е да застанете и да направите кратка анализа. Каде сте (со висината на долгот) и како со тоа (враќањето на долгот, а и претераното трошење) да излезете на крај?

Најдобар начин да воведете ред врз начинот на кој ги трошите парите е да воведете самодисциплина во навиките за трошење. Доколку процените дека и таа мерка е пoтребна  – исечете ја картичката и со тоа ќе ја пресечете артеријата која ви овозможува нереално трошење (она што реално го немате) во иднина.

Вашата одлука дека повеќе не сакате да тонете во долгови, е всушност почеток на решението  – враќање на позитивното салдо на вашата тековна сметка. Но, тоа не е единственото што треба да го направите. Ќе биде (најверојатно) потребно да го смените стилот на живеење кој е последица од нереалното проценување или можеби последица од нешто уште потешко – недостаток од самодоверба кој е во самиот корен на вашето незадоволство.

Секој пат кога ќе посакате нешто да купите, размислете: колку тој издаток ќе ви помогне во креирањето на она што навистина ви недостасува – самопочитување. Најчестата причина за претерана потрошувачка е комплексот на помала вредност (ако се споредувате со вашиот пријател/ка кој/а има буквално сè)  или неисполнетост во некој сегмент од вашиот живот.

Потребно е да воочите што е тоа што за вас претставува извор на моментално задоволување на потребите, кое на крај ве турка во се подлабоко незадоволство на долага стаза.

Еднаш кога ќе ги воочите вашите навики, потребно е да ги замените со нов начин на кој донесувате одлука за купување, согледувајќи го односот корист-цена (cost – benefit) кое тоа задоволство го има. Kога станува збор за претерана потрошувачка од кредитна картичка, работата е едноставна: најдобар начин да се решите од проблемот на претерана потрошувачка е едноставно да престанете да ја користите истата. Направете го следново:

Започнете (само)анализа со чистење на облеката од ормарот: има ли работи кои речиси никогаш не сте ги облекле. Издвоите ги работите што повеќе не сакате да ги носите и подарете ги во некоја хуманитарна организација. На тој начин ќе се соочите со стварната ситуација дека навистина не е дека немате што да облечете. Донесете одлука дека оваа сезона нема да купите ниту едно ново парче облека! Претераното трошење е лоша навика и ќе ви биде потребна силна самоконтрола  за да се одвикнете од таа навика. Дадете си доволно време самите на себе да се подготвите и чекор по чекор да го освојувате новиот терен.

Следно што треба да направите е веднаш да почнете со планот за штедење. Колку точно должите, колку заработувате и колку време ви е потребно да го вратите долгот. Постои ли начин со некоја дополнителна работа да заработите повеќе пари? Запомнете дека најголемиот проблем кај враќањето на долгот е затезната камата (камата на камата) која може да ве чини многу повеќе. Всушност, целта која сакате да ја постигнете е дека штедите за нешто што е од повреден карактер, односно дека сте успеале да ја победите вашата лоша навика. Запрашајте се: „Што навистина сакам да постигнам?“

Можат да ви помогнат и следниве совети како претераното трошење да го ставите под контрола:

  • Воведете самодисциплина во својот живот
    Препознајте што ве насочува кон трошење и притоа самоиницијативно избегнувајте такви ситуации или расположенија. Ограничете го движењето на места кои ве „инспирираат на трошење“ како шопинг центри, супермаркети итн.
  • Контролирајте се како трошите пари
    Немојте да дозволите парите да ве контролираат вас, прво да ве доведат до чувство на моментална екстаза, за потоа да имате грижа на совест. Одредете си неделен лимит за трошење кој прво ќе ги покрие трошоците за живот. Воочете ги начините на кои можете да постигнете одредени заштеди (помали издатоци за неопходните работи). Водете евиденција и држете се до одредениот лимит (буџет). Во секој случај, потребно е да избегнувате непланирани купувања кои не се предвидени со „буџетот“ . Во случај на висок долг кој веќе настанал, строго е забрането трошење на пари кои ги немате!
  • Купувајте само по однапред направен попис или одлука
    Секој производ кој ви е потребен, пред да го купите ставете го на листата, вклучете го во буџетот и уште еднаш размислете дали ви е навистина неопходен (односно што всушност ќе добиете со купувањето). Добар совет е да ја оставите одлуката да „одлежи неколку дена“, па доколку и по неколку дена еднакво верувате дека тоа вие е потребно, купете го.
  • Обврзете се на одговорност за трошење пари пред некоја личност во која имате доверба и почитување. Неверојатно е колку полесно се придржуваме до своите одлуки доколку сме ветиле на некоја значајна личност во животот дека навистина ќе сториме нешто. Во крајна истанца, консултант за кој сте спремни да платите, а кој ќе ви помогне, е исто така добар избор.

  • ноември 2010
    П В С T П С С
    « Окт   Дек »
    1234567
    891011121314
    15161718192021
    22232425262728
    2930