Сметки во странство?!

Објавено во: Штедење | Коментирај | Читања

(305)

Хрватските граѓани од први јануари следната година ќе можат да отвораат штедни сметки во цел свет, без законски ограничувања и ќе имаат можност да вршат платен промет преку тие сметки, откако хрватската Влада ги донесе законските промени со кои го дозволуваат сето тоа.

Иако, според Спогодбата за асоцијација и стабилизација со Европската унија, таа измена требаше да стапи на сила порано, Хрватска, заради кризата,побара одложување до први јануари 2011 година. Со промените е либерализирано и користењето на кредити во странство, преку сметките отворени во странски банки. Досега, хрватските граѓани можеа исклучиво со одобрение на Хрватската народна банка да отворат сметка во странство. Сега на нив за прв пат им е отворен патот во цел свет да си бараат поповолни камати на своите заштеди, како и да земаат кредити.

Македонските граѓани, пак, се уште не можат да отвораат сметки во странски банки, да штедат во нив и да прават какви било трансакции заради ограничувањето што го пропишува Законот за девизно работење, иако и земјава исто како и Хрватска, имаше обврска да го либерализира овој сегмент, според договореното со ЕУ.

 Орочен депозит во банка

Предности: 

• При потешкотии во работењето на банката, државата гарантира за парите до одредена сума; 

• Однапред позната каматна стапка. 

Недостатоци: 

• Трошоци при раскинување на договорот за штедење. Имено, доколку сакаме предвреме да го раскинеме договорот за штедење и да ги подигнеме средствата, банките најчесто наплатуваат одредени провизии, а истовремено ја губите и претходно очекуваната камата; 

• Ниски камати кај временски пократките периоди на орочување на депозитот; 

• Променливи каматни стапки. Каматата може да се промени во текот на штедењето, а поради договорот не можете да го прекинете штедењето без додатни трошоци; 

• Опасност од девалвација на денарот (доколку депозитот е денарски).

           Хартии од вредност се достапни за купување на Македонската Берза преку посредство на брокерска куќа, при што вие директно инвестирате во саканите хартии од вредност. Давањето на налози за купување и продавање на хартиите од вредност го правите вие самостојно, основано на ваша одлука ако имате доволно време, знаење и искуство да во континуитет го следите движењето на цените на акциите на пазарот на хартии од вредност, како и потребните информации околу таргетираните компании. 

Предности: 

• Можност за големи добивки (во фаза на т.н. биков или растечки пазар); 

• Потполна слобода во вложувањето; 

• Исплата на дивиденда кај одредени акции.

Недостатоци

• Висок ризик од загуби поради пад на цените на акциите предизвикан од различни фактори: лоши вести, фаза на т.н. мечкин или паѓачки пазар, лоши финансиски резултати на компаниите, итн.; 

• Релативно високи трошоци на тргување при често купување – продавање (брокерски провизии и берзански такси);

• Потребен е релативно висок почетен капитал за вложување доколку сакате да го намалите ризикот од загуба и да создадете портфолио од повеќе акции;

• Ликвидност, односно неликвидност. Ова е карактеристично за малите, неразвиени пазари на хартии од вредност како македонскиот. Тоа значи неможност да во секое време ги уновчите вашите хартии, поради едноставна причина што на другата страна нема купувач!

Животно осигурување

Предности:

• Загарантирана осигурана сума во случај на смрт во времетраењето на полисата, од моментот на првата уплата и во зависност од општите услови на користената полиса;

• Можност да се искористи полисата како гаранција при подигање на кредит;

• Можност за прекин на плаќањето на полисата во краток временски период (најчесто една до две години).

Недостатоци:

• Обврзувачки договор (ве обврзува да плаќате претходно определен износ на рата, високи пенали во случај на предвремено искористување или неплаќање на премијата – ратата;

• Нетранспарентност (не сме во можност да го знаеме точниот износ на моменталните средства со кои располагаме);

• Високи провизии

       Доброволни пензиски фондови овозможуваат дополнително да си обезбедите средства за пензија кои се уплатени на ваша лична сметка и кои со текот на годините се оплодуваат. Уплатените средства се регулирани со законска рамка и спаѓаат во релативно сигурна инвестиција.

Предности:

• Сигурност на средствата на пензискиот фонд (контрола од страна на МАПАС- агенција за капитално финансиско пензиско осигурување);

• Диверзификација на ризикот на инвестициите

 Недостатоци:

• Штедачот во пензискиот фонд не може да ја подигне заштедената сума најрано 10 години пред остварувањето на правото на старосна пензија;

• Релативно ниски приноси (долгорочните приноси на ваквите фондови во светот се движат помеѓу 4-5% годишно бидејќи инвестиционата политика има многу законски ограничувања, сè со цел заштита на капиталот);

• Трошоци за преминување од еден во друг доброволен пензиски фонд.

       Отворените инвестициски фондови (ОИФ) (посебна форма на имот), претставуваат институции за колективно инвестирање т.е. професионално управувани форми на инвестирање, кои се основаат со цел здружување на парични средства од домашни и/или странски физички и/или правни лица, кои потоа се вложуваат на светските и домашниот пазар на капитал во најразлични хартии од вредност: акции, обврзници, записи, депозити, злато и сл.

Предности:

• Атрактивна добивка (светскиот просек е 12-15% на годишно ниво). И покрај фазите на паѓачки пазари, фондовите остваруваат двоцифрен просечен раст на годишно ниво, затоа што растот на цените на акциите го надминува нивниот пад;

• Ликвидност. Парите не се орочени и можете да располагате со нив во било кое време. Во моментот кога ќе одлучите дека ви требаат дел или сите ваши пари, сè што треба да направите е да пополните барање за откуп на удели и во рок од седум календарски дена, парите ќе легнат на вашата трансакциска сметка;

• Професионално управување на капиталот. Не треба да имате големи познавања за пазарите на хартии од вредност, тоа за вас го прават стручни лица, фонд менаџери;

• Диверзификација на ризикот. Капиталот се инвестира во голем број хартии од вредност. Зависно од политиката на инвестирање на фондот, вашите средства можат да бидат инвестирани на пример во хартии од вредност на компании на Балканот или низ целиот свет;

• Не треба висок почетен капитал (минималната уплата е 1.000 денари);

• Можност за флексибилно уплаќање по ваша желба (нема договори);

• Висока транспарентност (секој ден знаете колку е вашиот имот во фондот);

• Висока контрола на работењето. Комисијата за хартии од вредност на Р. Македонија е телото кое ја регулира работата на друштвата за управување со фондови. Потоа тука е и депозитарната банка, како и независни ревизорски куќи.

Недостатоци: • Нема точно утврдена годишна каматна стапка – добивка;

• Ризикот може да сe окарактеризира како среден, особено кај акциските инвестициони фондови кои во фазите на мечкин (паѓачки пазар), паѓаат исто како и акциите во кои имаат вложено.

Ова се најосновните карактеристики на алатките кои ни се достапни на финансискиот пазар во Македонија и истите ни служат како можност за пласирање на нашите пари кои ќе останат непотрошени. Наша цел е да ви помогнеме во донесувањето на одлуката да почнете да штедите, или уште подобро да инвестирате. Изборот е секогаш само ваш. Стравот се јавува како плод на незнаењето, а незнаењето во врска со вашите лични финансии може да ве чини скапо.

Од 25.08.2010 Google стартуваше со нов сервис која на корисниците ќе им овозможи разговор преку телефон и и компјутер во целиот свет, што уште повеќе ќе ги наведе луѓето да се откажат од фиксната телефонија.
За користење на услугата потребно е да имате g-mail акаунт. Разговорите кон САД и Канада се бесплатни до крајот на годината ( ние се обидовме – фунцкионира! ), а за останатиот дел од светот потребно е да имате кредит, слично како во при—пејд телефонијата. Минимален износ кој треба да го поседувате е 10$, може да го платите и надополнувате со платежна картичка. Достапен е и тарифник во кој се прикажани цените за телфонски повик по минута. За илустрација повик кон фиксна телефонија во Србија преку овој сервис е 0,09$ или 4,3 ден, за Грција 0,02$ или скоро 1 денар, што е далеку поевтино од цените на македонските оператори за фиксна телфонија кои изнесуваат 13,9 и 10,6 ден респективно.

Се заинтересирав да ги орочам парите. Не дека имам нешто многу пари, но сепак сметам дека не е штедење само воздржувањето од трошење и тргање на парите на страна. И што со тие пари!? Ниту сум ги потрошил, ниту уживам што ги имам а не ги користам. Најдобро е парите да ги замените со некоја вредност, дали во банка или можеби ќе сакате купите некој златник, не е важно. Важно е што ги вложувате, за да утре ви донесат некоја поголема вредност или приход, кој сигурно нема да го добиете ако спиете заедно со парите. Секој граѓанин кој сака да штеди, може својот паричен депозит да го вложи во некоја од финансиските институции во државава. За штедниот влог како паричен депозит вложен во банка или штедилница се издава штедна книшка. Во штедната книшка се впишуваат уплатите, исплатите, состојбата и пресметаните камати по штедниот влог.
Да се вратам на муабетот. Ме заинтересира зошто е толку голема разликата во каматните стапки за девизно и денарско орочено штедење. Ако за девизи орочени на 12 месеци каматните стапки се движат од 5% па нагоре во зависност од банката, кај денари орочени на 12 месеци каматните стапки се движат од 9,50 – 10,00%.

Од една страна, големите каматни стапки мотивираат штедење во домашна валута со цел да се држи денарот стабилен, меѓутоа што мене ми гарантира дека нема да се случи девалвација? Се распрашав во неколку банки за тоа кој е подобар начин да ги орочам моите девизи и добив различни мислења. Во една банка ми рекоа дека најдобар избор за орочување е она што имаш, дали во моментот имаш девизи или денари. Образложението им беше дека со менување на девизите од денари ќе изгубам одреден дел на пари, а и тоа дека денарот не е стабилен т.е. една девалвација и веќе губите од вредноста. Во друга банка ми рекоа дека подобро е да орочам денари бидејќи каматната стапка е значително поголема од онаа каматна стапка за девизи. Со самото тоа ги вадам парите што ги губам при менувањето од девизи во денари, а исто ги покрива и парите кои би требале да ги додадеме кога би купувале повторно девизи.
Доколку би биле во слична ситуација, би ја имале истата дилема како и јас, што е правилно да се одлучи? Верувајте, работата е во тоа што секој различно гледа на ризикот и можностите …

Сликата што ни ја дава статистиката за повисоки плати и ниска инфлација се замаглува ако се обидете да ја наполните кошничката во некоја од домашните продавници и супермаркети. Кога ќе се спореди фискалната сметка и она што сме го ставиле во торбата по пазарењето, неизбежно доаѓа прашањето „Каде ми отидоа парите?“. Статистичката илузија дека секој нареден месец од платата ни остануваат повеќе пари за други трошоци, откако ќе ја покриеме потрошувачката кошничка, се губи кога ќе се погледаат цените на основните животни потреби.

Македонскиот животен стандард добива други димензии кога ќе се направи анализа за бројот на работниците што имаат примања под месечната просечна нето-плата од 20.000 денари. Речиси две третини од вкупниот број вработени примаат плата на границата на висината од потрошувачката кошничка, која изнесува околу 12000 денари. Aко знаеме дека потрошувачката кошничка се однесува на четиричлено семејство, тогаш императив за секое семејство е да заштеди колку што е можно повеќе.

Во ова време на рецесија во секој случај добро е да се најде и искористи секој можен начин да се заштеди. За да имате сè повеќе и повеќе, штедете по малку. Ќе се обидам да ви го претставам најпрактичниот и наједноставниот начин за штедење за вас, што мислам дека е доволно за почеток.

Започнете со секојдневните трошења додека сте на работа. Наместо да купувате и да порачувате храна на работа, понесете го со себе оброкот кој сте го подготвиле дома. Така ќе заштедите значителна сума на пари во текот на денот. Исто така, се помалку храна ќе остане за фрлање доколку се сè изеде на време.

Пред да одите да пазарите секогаш составете список во кој ќе ги напишете работите кои треба да ги набавите. Во продавница купете ги само тие работи. Доколку наидете на нешто непредвидено и неодоливо, не го купувајте, запишете го, но, за следниот пат. Во меѓувреме размислете дали навистина тој производ ви е потребен. Доколку производот остане на списокот за наредниот пат кога ќе одите да купувате, тогаш купете го.

Пазарете во дисконтни продавници кога треба да набавите повеќе работи. Навистина, на некој што има висока плата можеби не би му смениле ништо во месецот 1000 денари, но размислете како ќе се чувствувате ако некој ви подари 1000 денари? Или ако добиете 1000 денари на гребка? Не мора да посакувате да ви се случи истото, само треба малку да размислите што и каде купувате, и верувајте ми, ќе наидувате на илјадарка (можеби и повеќе) секој месец. Секако останува да се држите на списокот, во спротивно сè што ќе видите надвор од списокот ви изгледа поповолно до другите продавници и ви се чини дека ви е потребно. Така повторно се враќате на почеток на безпотребното трошење.

  • ноември 2017
    П В С T П С С
    « Дек    
     12345
    6789101112
    13141516171819
    20212223242526
    27282930