Пролет е, а вие немате ништо пролетно да облечете. Видовте нови чевли, нова колекција на гардероба и … едноставно не можевте да одолеете. Млади сте и заслужувате убаво да изгледате (се тешите), но откако дојдовте дома и се обидовте уредно да ги сместите (неуспешно) новите работи што сте ги  купиле… сфаќате дека нема место. Ве преплавува чувство на грижа на совест. Како ќе го платите сето ова кога ќе ви дојде месечната сметка за кредитната картичка? Веќе сте преку глава во долгови.

Кога ќе се најдете во ситуација да трошите далеку над своите можности и едноставно не знаете како да се извлечете од таквите тешкотии, време е да застанете и да направите кратка анализа. Каде сте (со висината на долгот) и како со тоа (враќањето на долгот, а и претераното трошење) да излезете на крај?

Најдобар начин да воведете ред врз начинот на кој ги трошите парите е да воведете самодисциплина во навиките за трошење. Доколку процените дека и таа мерка е пoтребна  – исечете ја картичката и со тоа ќе ја пресечете артеријата која ви овозможува нереално трошење (она што реално го немате) во иднина.

Вашата одлука дека повеќе не сакате да тонете во долгови, е всушност почеток на решението  – враќање на позитивното салдо на вашата тековна сметка. Но, тоа не е единственото што треба да го направите. Ќе биде (најверојатно) потребно да го смените стилот на живеење кој е последица од нереалното проценување или можеби последица од нешто уште потешко – недостаток од самодоверба кој е во самиот корен на вашето незадоволство.

Секој пат кога ќе посакате нешто да купите, размислете: колку тој издаток ќе ви помогне во креирањето на она што навистина ви недостасува – самопочитување. Најчестата причина за претерана потрошувачка е комплексот на помала вредност (ако се споредувате со вашиот пријател/ка кој/а има буквално сè)  или неисполнетост во некој сегмент од вашиот живот.

Потребно е да воочите што е тоа што за вас претставува извор на моментално задоволување на потребите, кое на крај ве турка во се подлабоко незадоволство на долага стаза.

Еднаш кога ќе ги воочите вашите навики, потребно е да ги замените со нов начин на кој донесувате одлука за купување, согледувајќи го односот корист-цена (cost – benefit) кое тоа задоволство го има. Kога станува збор за претерана потрошувачка од кредитна картичка, работата е едноставна: најдобар начин да се решите од проблемот на претерана потрошувачка е едноставно да престанете да ја користите истата. Направете го следново:

Започнете (само)анализа со чистење на облеката од ормарот: има ли работи кои речиси никогаш не сте ги облекле. Издвоите ги работите што повеќе не сакате да ги носите и подарете ги во некоја хуманитарна организација. На тој начин ќе се соочите со стварната ситуација дека навистина не е дека немате што да облечете. Донесете одлука дека оваа сезона нема да купите ниту едно ново парче облека! Претераното трошење е лоша навика и ќе ви биде потребна силна самоконтрола  за да се одвикнете од таа навика. Дадете си доволно време самите на себе да се подготвите и чекор по чекор да го освојувате новиот терен.

Следно што треба да направите е веднаш да почнете со планот за штедење. Колку точно должите, колку заработувате и колку време ви е потребно да го вратите долгот. Постои ли начин со некоја дополнителна работа да заработите повеќе пари? Запомнете дека најголемиот проблем кај враќањето на долгот е затезната камата (камата на камата) која може да ве чини многу повеќе. Всушност, целта која сакате да ја постигнете е дека штедите за нешто што е од повреден карактер, односно дека сте успеале да ја победите вашата лоша навика. Запрашајте се: „Што навистина сакам да постигнам?“

Можат да ви помогнат и следниве совети како претераното трошење да го ставите под контрола:

  • Воведете самодисциплина во својот живот
    Препознајте што ве насочува кон трошење и притоа самоиницијативно избегнувајте такви ситуации или расположенија. Ограничете го движењето на места кои ве „инспирираат на трошење“ како шопинг центри, супермаркети итн.
  • Контролирајте се како трошите пари
    Немојте да дозволите парите да ве контролираат вас, прво да ве доведат до чувство на моментална екстаза, за потоа да имате грижа на совест. Одредете си неделен лимит за трошење кој прво ќе ги покрие трошоците за живот. Воочете ги начините на кои можете да постигнете одредени заштеди (помали издатоци за неопходните работи). Водете евиденција и држете се до одредениот лимит (буџет). Во секој случај, потребно е да избегнувате непланирани купувања кои не се предвидени со „буџетот“ . Во случај на висок долг кој веќе настанал, строго е забрането трошење на пари кои ги немате!
  • Купувајте само по однапред направен попис или одлука
    Секој производ кој ви е потребен, пред да го купите ставете го на листата, вклучете го во буџетот и уште еднаш размислете дали ви е навистина неопходен (односно што всушност ќе добиете со купувањето). Добар совет е да ја оставите одлуката да „одлежи неколку дена“, па доколку и по неколку дена еднакво верувате дека тоа вие е потребно, купете го.
  • Обврзете се на одговорност за трошење пари пред некоја личност во која имате доверба и почитување. Неверојатно е колку полесно се придржуваме до своите одлуки доколку сме ветиле на некоја значајна личност во животот дека навистина ќе сториме нешто. Во крајна истанца, консултант за кој сте спремни да платите, а кој ќе ви помогне, е исто така добар избор.

Знам дека скоро на никој не му е до запишување на трошоците, но ситуацијата во последниве година и пол, веројатно и најголемите мрзеливци ги натера да ги стават работите на хартија и да почнат да водат евиденција за трошоците и за тоа каде им протекуваат парите. Еве неколку работи кои на мене ми го олесниа водењето на трошоците:

1. Запишувајте ги трошоците секој ден – тоа е најтежок, но и најдобар начин за пратење на трошоците.

2. Споредувајте ја завршната состојба на пари која ја имате во паричникот и на вашата сметка на крајот од претходниот ден со завршната состојба од денешниот ден. Разликата мора да биде еднаква на трошоците, ако не е, значи сте заборавиле нешто да запишете

3. Кога одам на пазар понесувам со мене некоја округла цифра на пр. 1000 денари, за да можам да израчунам колку сум потрошил. 1000 денари минус онолку колку што ми останало во џебот, значи разликата отишла за јадење. Претходно се обидував да памтам што колку чини, но нешто не ми идеше затоа што купував на неколку штанда и на крај се губев во пресметките

4. Секаде каде што можам да платам со картица јас тоа го правам. Подобро картица него готовина.
– како прво помалку трошам кога имам само картица. Купувам и тоа што не ми треба.
– како второ не сакам да имам многу пари во паричникот или постојано да барам банкомат,
– како трето мразам кога цената од 396,00 ми ја заокружуваат на 400,00 денари, а вака со картица си плаќам 396,00 и
– она најважното, ако ја изгубам сметката, трансакцијата секогаш останува запишана, па со интернет банкарство секогаш можам да си проверам на што и колку сум потрошил. Моја препорака е секогаш да ја користите картицата затоа што полесно ќе си ги пратите трошоците.

5. Факт е дека кредитните картички се опасни, затоа што така се насобираат големи цифри, особено ако земете нешто на неколку рати. Со нив треба да бидете многу претпазливи, ја своите трошоци си ги плаќам однапред (пред да доспеат). Засто тогаш користам кредитна наместо дебитна? Па затоа што сепак добивам 10-20 дена на време, додека да стигне платата. Верувајте ми, дека и над кредитната картичка можете да имате добра контрола, сепак најтешко е да се контролира готовината.

6. Отворете траен налог за плаќање на режиските трошоци, ако до сега не сте го направиле тоа. Добро е тоа што сега можете да правите се преку интернет банкарство. А кога сме веќе кај трајниот налог, можете да отворите еден и за штедење

Ако се сетам на уште нешто, ќе допишам. Имате некој совет?

  • ноември 2017
    П В С T П С С
    « Дек    
     12345
    6789101112
    13141516171819
    20212223242526
    27282930